Скопје, 22-23 март 2018 година
Со поддршка на TAIEX инструментот на Европската комисија, на 22 и 23 март 2018 година во хотелот „Холидеј Ин“ – Скопје, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ја организира работилницата со наслов „Чувствителните информации во областа на бизнисот, банкарството и ревизијата – правни решенија и практики“. Работилницата ја отвори директорот на Дирекцијата д-р Стојан Славески, а предавачи беа експерти од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на Република Македонија и од националните безбедносни авторитети на Република Бугарија, на Република Хрватска и на Кралството Шпанија.
Целта на оваа дводневна работилница беше добивање компаративни сознанија, размена на искуства и унапредување на знаењата на учесниците за третманот на класифицираните и чувствителни информации во сферата на бизнисот, банкарството и ревизијата. Заради интегрирање на различните искуства што произлегуваат од секојдневната практична работа со класифицирани и чувствителни информации, на работилницата активно учество земаа претставници од државни институции, ревизорски тела, деловни банки, компании од приватниот сектор, невладини организации и клучни институции од критичната инфраструктура и безбедносниот сектор на Република Македонија.
Организирањето на дводневната работилница беше уште една потврда за ефективно искористување на инструментите на Европската унија за развивање на националните безбедносни капацитети и е чекор напред во напорите на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за приближување на Република Македонија кон Европската унија.