Класифицирана информација е информација од делокругот на работа на орган на државната и локалната власт основан согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, правно лице основано од Републиката или од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје или други правни лица којашто се однесува на јавната безбедност, одбраната, надворешните работи или безбедносни или разузнавачки активности на државата која согласно со закон мора да се заштити од неовластен пристап и е обележана со соодветен степен на класификација согласно Законот за класифицирани информации(*) („Службен весник на РСМ“, бр. 275/19). Класифицирани информации може да претставуваат и документи, технички средства, машини, опрема, односно одвоени компоненти или оружје или алати што се произведени или се во процес на производство, како и доверливите пронајдоци што се однесуваат на одбраната и се од интерес на безбедноста на државата.

 

Безбедносен сертификат е документ со кој се потврдува дека за физичкото или за правното лице не постои безбедносен ризик за пристап и ракување со класифицирани информации.

 

Согласно Законот за класифицирани информации(*) („Службен весник на РСМ“, бр. 275/19) секое лице кое има потреба од пристап до и работа со класифицирани информации мора да има безбедносен сертификат соодветен на степенот на класификација на информацијата или безбедносен сертификат со повисок степен.

 

Постојат два вида безбедносни сертификати коишто ги издава Дирекцијата, и тоа:

- безбедносен сертификат за физичко лице и
- безбедносен сертификат за правно лице.

Безбедносните сертификати може да се издадат за ракување со национални, со НАТО или со ЕУ класифицирани информации.
Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации издава национални и НАТО безбедносни сертификати до и вклучително степенот „ДРЖАВНА ТАЈНА”, додека за пристап до ЕУ класифицирани информации, Дирекцијата издава безбедносни сертификати до и вклучително „СТРОГО ДОВЕРЛИВО“.
За користење на класифицирани информации означени со степенот „ИНТЕРНО“ не се врши безбедносна проверка и не се издава безбедносен сертификат.

 

Согласно Законот за класифицирани информации(*) („Службен весник на РСМ“, бр. 275/19), лицата кои работат со класифицирани информации потребно е да имаат безбедносен сертификат од соодветен вид и степен со цел задоволување на условите од доменот на персоналната безбедност при работа со класифицирани информации.
Секој државен орган потребно е да изработи систематизација на работните места во која јасно ќе наведе за која позиција каков безбедносен сертификат е потребен. За лицата кои ќе аплицираат за некое работно место за кое е потребно поседување безбедносен сертификат, или веќе работат на таква позиција, потребно е да се спроведе постапка за издавање соодветен безбедносен сертификат.
За да може едно лице да добие безбедносен сертификат потребно е да биде задоволен принципот „Потребно е да знае“, односно да се има потреба од пристап до класифицирани информации, како и да бидат исполнети условите од член 41 од Законот за класифицирани информации(*).
За да отпочне постапката за издавање безбедносен сертификат потребно е до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да биде доставено барање, од страна на офицерот за безбедност на класифицирани информации, за издавање безбедносен сертификат. Кон барањето задолжително е да бидат приложени и:

• пополнет безбедносен прашалник заедно со потпишана Изјава на кандидатот со која се согласува да бидат проверени наведените податоци дадени во безбедносниот прашалник;

• фотокопија од важечка лична карта или патна исправа и
• сертификат за положен тест (завршен курс) за класифицирани информации.

Во барањето за издавање безбедносен сертификат што ќе биде доставено до Дирекцијата, од страна на офицерот за безбедност на класифицирани информации, мора јасно да биде наведено за кој степен на безбедносен сертификат се однесува барањето.

При пополнување на безбедносниот прашалник кандидатот треба да внимава да бидат пополнети сите рубрики. Доколку за некои прашања не е даден одговор, ќе се смета дека безбедносниот прашалник е непотполн и тој нема да се стави во постапка за издавање безбедносен сертификат.
Кандидатот задолжително ја потполнува и своерачно ја потпишува изјавата којашто претставува составен дел од безбедносниот прашалник. Со потпишување на изјавата кандидатот дава согласност да бидат проверени дадените податоци во безбедносниот прашалник. Доколку изјавата не биде потпишана, не постојат услови за отпочнување на постапката за издавање безбедносен сертификат.

Доколку при учество на некоја активност (семинари, курсеви, состаноци и сл.) надвор од Република Северна Македонија се бара безбедносен сертификат, тогаш Дирекцијата, по барање на надлежниот орган, ќе издаде извод од НАТО или од ЕУ безбедносните сертификати за вработените во тој орган. Во барањето за извод од безбедносниот сертификат треба да се наведе датумот или периодот на одржување на активноста и називот на активноста. Во прилог на барањето треба да се достави фотокопија од важечка патна исправа.

Извод од безбедносен сертификат се издава врз основа на претходно издаден изворник. Степенот на изводот е еднаков на степенот на изворникот. Изводот од националниот безбедносен сертификат се врачува на кандидатот преку офицерот за безбедност во органот, а изворникот останува во Дирекцијата и кај органот во којшто е вработен кандидатот.

 

За да може едно лице да добие безбедносен сертификат потребно е да биде задоволен принципот „потребно е да знае“, односно да се има потреба од пристап до класифицирани информации, како и да бидат исполнети условите од член 38 од Законот за класифицирани информации.

За да отпочне постапка за издавање безбедносен сертификат потребно е до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да биде доставено барање, од страна на овластеното лице, за издавање безбедносен сертификат. Кон барањето мора да бидат приложени и:

  • безбедносен прашалник;
  • изјавата на кандидатот со која се согласува да бидат проверени наведените податоци дадени во безбедносниот прашалник;
  • фотокопија од важечка лична карта или патна исправа и
  • биографија.

Во барањето за издавање безбедносен сертификат кое ќе биде доставено до Дирекцијата, од страна на овластените лица, мора јасно да биде наведено за каков вид и степен на безбедносен сертификат се однесува барањето.

Постојат два вида безбедносни сертификати коишто ги издава Дирекцијата, и тоа: безбедносен сертификат за физичко лице и безбедносен сертификат за правно лице.

Безбедносните сертификати може да се издадат за ракување со национални, со НАТО или со ЕУ класифицирани информации.Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации издава национални безбедносни сертификати до највисокиот степен „Државна тајна“. За НАТО и ЕУ класифицирани информации Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации издава безбедносни сертификати до степен „Строго доверливо“, со оглед на потпишаните договори на билатерална основа помеѓу Република Македонија и НАТО, односно Република Македонија и ЕУ.

За издавање безбедносен сертификат со степен:

  • Државна тајна – се пополнува безбедносен прашалник Образец „А“;
  • Строго доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Б“;
  • Доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „В“;
  • Интерно – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Г“.

Кандидатот своерачно ги пополнува безбедносниот прашалник и изјавата при што треба да се внимава да бидат пополнети сите рубрики. Доколку за некои прашања не е даден одговор, ќе се смета дека безбедносниот прашалник е непотполн и нема да се стави во постапка за издавање безбедносен сертификат.

Кандидатот за добивање безбедносен сертификат задолжително ги потполнува и ги потпишува безбедносниот прашалник и изјавата со која се согласува да бидат проверени дадените податоци во безбедносниот прашалник. Доколку безбедносниот прашалник и изјавата не бидат потпишани, не постојат услови за отпочнување на постапката за издавање безбедносен сертификат.

По спроведувањето на целата постапка, доколку се утврди дека се исполнети условите од член 38 од Законот за класифицирни информации, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ќе издаде соодветен безбедносен сертификат.

Безбедносните сертификати се доставуваат до овластеното лице во институцијата во којашто е вработено лицето. Овластеното лице треба да изврши запознавање (брифирање) на лицето на коешто му е издаден безбедносниот сертификат со обврските и одговорностите од Законот за класифицирани информации при работа со класифицираните информации.

 

Во Законот за безбедност на класифицирани информации и во Уредбата за индустриска безбедност се предвидени и се дефинирани постапката и потребните документи кои правното лице треба да ги обезбеди и да ги достави со цел да се отпочне постапката за издавање безбедносен сертификат за правното лице.

За правните лица учесници во постапки за јавни набавки кои се класифицирани, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации може да се побара издавање соодветни безбедносни сертификати доколку тоа е услов за аплицирање на тендерот и/или правното лице е влезено во најтесниот избор за најповолен понудувач.

Издавањето на безбедносниот сертификат за правното лице опфаќа спроведување постапка за утврдување исполнетост на условите од член 39 од Законот за класифицирани информации. Тоа значи дека се утврдува можноста за издавање соодветен безбедносен сертификат за физичките лица во правното лице, како што се сопствениците на компанијата, менаџерскиот тим и подготвеноста на правното лице да одговори на барањата на тендерот од аспект на безбедноста на класифицираните информации што се предмет на постапката за јавна набавка или се дел од нејзиното спроведување.

Кон барањето за издавање безбедносен сертификат за правното лице потребно е да се достават барање и документи за издавање безбедносни сертификати и за менаџерскиот тим и за другите физички лица вработени во фирмата, а кои ќе учествуваат во реализацијата на договорот. Постапката за издавање безбедносен сертификат за физичките лица е дадена во постапка за издавање безбедносен сертификат на лица вработени во фирми.

Во барањето за издавање безбедносен сертификат правното лице треба да одреди овластено лице кое ќе биде одговорно за ефикасно и координирано извршување на правата и обврските кои се однесуваат на класифицираните информации, да ги наведе основните црти на содржината на договорот, планот на предвидените безбедносни мерки кои ќе се преземат во врска со заштитата на класифицираните информации и степенот на нивната класификација. Во барањето се наведува и рокот во кој се очекува да биде реализиран договорот, како и потпишана согласност од раководното лице (директорот) во фирмата со којашто се согласува да бидат проверени дадените податоци за фирмата.

За правното лице не е предвидено пополнување безбедносен прашалник.

Во оваа смисла, кон барањето за издавање безбедносен сертификат, правното лице задолжително доставува:

  • пријава за упис во трговскиот регистар;
  • решение на судот за извршен упис во регистарот;
  • прилог во кој е содржан називот и седиштето на основачот и вкупниот износ на средствата на основачот и на секој вложувач;
  • овластување на субјектот на уписот во правниот промет;
  • имиња на лица овластени за застапување и граници на нивните овластувања, а за странските лица и документите предвидени во законот за трговски друштва;
  • извештај и мислење за бонитетот од Централниот регистар на Република Македонија;
  • потврда од судот дека не е отворена постапка за стечај или за ликвидација;
  • потврда од судот дека со пресуда не му е изречена мерка – забрана за вршење на дејност;
  • потврда од Управата за јавни приходи за платени даноци, придонеси и други јавни давачки.

Во зависност од содржината на класифицираниот договор, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации е овластена да утврди дали правното лице треба да ги исполнува и другите услови за заштита на класифицираните информации од аспект на:

  • физичката безбедност;
  • информатичката безбедност и
  • административната безбедност.

коишто се утврдени во: Уредбата за физичка безбедност, Уредбата за информатичка безбедност и Уредбата за административна безбедност.

Доколку правното лице ги исполнува сите услови за безбедност на класифицираните информации, што ќе се утврди по севкупно извршените безбедносни проверки, Дирекцијата ќе издаде безбедносен сертификат со рок на важење согласно член 52 од Законот за класифицирани информации.

 

За да може едно правно лице да поднесе барање за добивање безбедносни сертификати за своите вработени, потребно е барањето да биде проследено до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации преку надлежната државна институција во којашто е ангажирано претпријатието. Барањето може да биде поднесено до Дирекцијата и од страна на самото претпријатие, но само во случај кога во огласот е наведено дека претпријатието треба да поседува безбедносни сертификати за своите вработени пред да учествува на тендерот. Во тој случај, кон приложените документи за добивање безбедносни сертификати, мора да биде приложена и копија од огласот во кој јасно ќе се види дека на претпријатијата кои ќе учествуваат на тендерот им се бара да приложат безбедносни сертификати.

Во барањето за издавање безбедносни сертификати кое ќе биде доставено до Дирекцијата задолжително е јасно да бидат наведени: степенот и видот на безбедносниот сертификат кој се бара да биде издаден, причината поради која се бара издавањето на сертификатите, времетраењето на активноста за која е потребно добивање на сертификатите, како и одговорното лице во претпријатието кое ќе биде надлежно за извршување на обврските во претпријатието коишто произлегуваат од Законот за класифицирани информации и пропратните уредби.

Кон барањето задолжително се приложува и:

  • безбедносен прашалник;
  • изјавата на кандидатот со која се согласува да бидат проверени наведените податоци дадени во безбедносниот прашалник;
  • фотокопија од важечка лична карта или патна исправа;
  • биографија;
  • уверение од надлежен суд дека не е одземена деловната способност

За издавање безбедносен сертификат со степен:

  • Државна тајна – се пополнува безбедносен прашалник Образец „А“;
  • Строго доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Б“;
  • Доверливо – се пополнува безбедносен прашалник Образец „В“;
  • Интерно – се пополнува безбедносен прашалник Образец „Г“.

Кандидатот своерачно ги пополнува безбедносниот прашалник и изјавата при што треба да се внимава да бидат пополнети сите рубрики. Доколку за некои прашања не е даден одговор, ќе се смета дека безбедносниот прашалник е непотполн и тој нема да се стави во постапка за издавање безбедносен сертификат.

Кандидатот за добивање безбедносен сертификат задолжително ги потполнува и ги потпишува безбедносниот прашалник и изјавата со која се согласува да бидат проверени дадените податоци во безбедносниот прашалник. Доколку безбедносниот прашалник и изјавата не бидат потпишани, не постојат услови за отпочнување на постапката за издавање безбедносен сертификат.

По спроведувањето на целата постапка, доколку се утврди дека се исполнети условите од член 38 од Законот за класифицирни информации, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во зависност од потребата, ќе издаде соодветен безбедносен сертификат или документ со кој правното лице, пред надлежните органи, ќе може да докаже дека на неговите вработени им е дозволен пристап до класифицирани информации.

 

Во Законот за класифицирани информации не се предвидени административни такси за постапките за аплицирање и за издавање на безбедносните сертификати.

 

Согласно Законот за класифицирани информации, а во однос на степенот на класификација на информацијата за којашто се издаваат, безбедносните сертификати имаат важност од:

  • Државна тајна – 5 години;
  • Строго доверливо – 5 години;
  • Доверливо - 10 години;
  • Интерно - 10 години

Важноста на безбедносниот сертификат може да престане и пред рокот за кој е издаден доколку настанале одредени случаи предвидени со Законот за класифицирани информации.

Важноста на безбедносниот сертификат за избраните државни функционери, наведени во член 36 од Законот за класифицирани информации е до крајот на нивниот мандат.

 

Да. Треба да се очекуваат најавени и ненајавени инспекции од страна на инспектори од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации на сите државни институции и органи како и правни лица. Правните лица треба да очекуваат посети и од надлежните органи во државните институции до чиишто класифицирани информации имаат пристап.

 

Да. Видот и висината на казните за сите одговорни лица се донесени со Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации и се негов составен дел.

 

Согласно Законот за класифицирани информации при вакви случаи на странските државјани им се издава Дозвола за пристап до национални класифицирани информации.

За издавање на Дозволата за пристап до национални класифицирани информации потребно е да бидат исполнети следните услови:

  • Надлежната институција, до чиишто класифицирани информации се бара пристап, е потребно да достави барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за издавање Дозвола за пристап до национални класифицирани информации.
  • Во барањето треба да се наведе причината поради која се бара издавањето на Дозволата за пристап, степенот на класификацијата на информациите до кои се бара пристап, времетраењето на пристапот до класифицираните информации, документи за идентификација (патни исправи), како и да се приложат безбедносни сертификати за странските државјани, со соодветен степен на класификација, издадени од надлежен орган на странската држава чиишто државјани се лицата.
  • Република Македонија со странската држава, чијшто државјанин е лицето за кое се бара издавање Дозвола за пристап до национални класифицирани информации, да има потпишано договор за заштита на класифицирани информации.

 

Што ако немам или не добијам безбедносен сертификат, дали ќе го изгубам работното место?

Како прво, безбедносен сертификат е потребен само за лицата кои имаат пристап до класифицирани информации. Доколку за Вашето работно место не е предвидена работа со класифицирани информации, тогаш не е потребно да имате безбедносен сертификат и нема потреба од стравување за губење на работното место по таа основа.

Доколку за Вашето работно место е предвидена работа со класифицирани информации, а Вашето барање за издавање соодветен безбедносен сертификат е одбиено, според препораките од НАТО и од ЕУ, како и според воспоставената практика во досегашната примена на прописите од доменот на класифицирани информации постои можност за изнаоѓање решение во таквата ситуација. Имено, во таков случај работодавачот може да изврши прераспоредување на лицето на друго работно место за кое не е предвидена работа со класифицирани информации или пак да се изврши селекција на работните обврски, при што на лицето без безбедносен сертификат нема да му се даваат задачи за кои е потребен пристап до класифицирани информации.

Сепак, доколку во Вашата работна организација не постои работно место за кое не е предвидена работа со класифицирани информации постои можност од губење на работното место.

Поднесов барање за издавање национален, НАТО и ЕУ безбедносен сертификат, но мене ми е врачен само националниот. Зошто не ми се врачени и НАТО и ЕУ безбедносните сертификати?

По издавањето на безбедносните сертификати, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ги доставува изворниците од безбедносните сертификати до овластеното лице во институцијата од каде што е поднесено барањето. На лицето кое побарало издавање безбедносен сертификат, од страна на овластеното лице, му се врачува само изводот од националниот безбедносен сертификат (пластифицирана картичка).

Извод од НАТО или од ЕУ безбедносен сертификат се издава и му се врачува на лицето само во случаите кога тоа треба да присуствува на работни активности на органи или тела на НАТО или на ЕУ за кои е потребно поседување соодветен безбедносен сертификат. Во тој случај до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации од страна на овластеното лице треба да се поднесе барање за издавање извод од НАТО или од ЕУ безбедносниот сертификат. Во барањето за извод од безбедносниот сертификат треба да се наведе датумот или периодот на одржување на активноста, називот и местото на одржување на активноста. Во прилог на барањето треба да се достави и фотокопија од важечка патна исправа.

Апсолвент сум на факултетот за безбедност (уште еден испит до дипломирање), заинтересиран сум и голема чест би ми било да работам во дирекцијата. Дали постои можност и која е процедурата за вработување. Можеби овој начин е премногу директен но немам друга идеја како би дошол до посакуваната цел. Благодарам и поздрав.

Ви благодариме за искажаниот интерес за вработување во нашата Дирекција.

Ве информираме дека вработувањето во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се врши по јавен оглас за вработување по претходно добиена согласност од Министерството за финансии.Бидејќи немаме такво одобрение, со жалење Ве информираме дека за сега не постои можност за ново вработување во нашата Дирекција.

Како да се добие безбедносен сертификат за вработување на работно место на оглас објавен од Агенцијата за државни службеници, а за коешто е потребно негово поседување?

Добивањето безбедносен сертификат е регулирано со Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ број 9/04 од 27 февруари 2004 година), од член 35 до член 39. Имено, безбедносен сертификат се добива за извршување работни задачи во државните органи и институции. Кога се работи за вработување на работно место преку оглас објавен од Агенцијата за државни службеници, а за коешто е потребно поседување безбедносен сертификат, Агенцијата за државни службеници по извршениот потесен избор на кандидатите ја известува институцијата којашто го објавила огласот. Потоа, институцијата којашто ги вработува кандидатите поднесува барање до Дирекцијата за извршување првични оперативни проверки за конкретните лица, по што од страна на Дирекцијата започнува процедурата за истите. По добиените првични резултати Дирекцијата ја известува институцијата за кандидатите што влегле во потесен избор. По извршувањето избор на кандидатот институцијата ја известува Дирекцијата за продолжување на постапката за оперативни безбедносни проверки и издавање безбедносен сертификат.

Првичните оперативни проверки започнуваат со пополнување безбедносен прашалник со соодветен степен на класификација.

Дали Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации има надлежности да реагира во случај на упад на нечиј профил на Facebook или на e-mail адреса?

Дирекцијата не е надлежна да реагира во такви случаи, бидејќи упад на Facebook-профил или на e-mail адреса не е упад во Законот за класифицирани информации.

Последиците од блокадата на профилот или на адресата би требало да се пријават во МВР – Единица за борба против компјутерски криминал, којашто функционира во рамките на Центарот за сузбивање организиран и сериозен криминал.

Како постапуваат државните органи кога до нив ќе стигне информација од класифициран каркатер: од портир до тој којшто треба да ја добие таквата информација (како се архивира, кој тоа го прави, во колку примероци, како се доставува и слично)?
Штом класифициран документ стигне до тој до кој што е наменет, на пример, државен функционер: претседател на собрание, министри, како тој постапува со него, дали остава доказ - потпис дека го примил, што откако ќе ја прими, како може да постапува со него, како треба да постапи откако ќе го искористи документот, како го архивира, кому му го дава на чување, или останува во неговата канцеларија и каква обврска има кон него - дали документот засекогаш му е достапен, или само додека трае сертификатот и кои се неговите обврски во делот на заштита и чување)?

Со класифицираните информации (КИ) се ракува во согласност со Уредбата за канцелариско работење којашто важи за сите правни лица во Република Македонија (РМ) во однос на приемот, евиденцијата на информациите итн. И дополнително се применува Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации („Службен весник на РМ”, бр. 82/2004). Тоа подразбира заведување на КИ во посебен деловодник во којшто има графа за впишување на степенот на класификација на информацијата, доставување на КИ до корисниците преку доставна книга во уредно спакувана надворешна обвивка за да не се гледа содржината на КИ, КИ се доставуваат исклучиво до лица коишто имаат потреба да ја добијат КИ заради исполнување на работните задачи и коишто едновремено имаат безбедносен сертификат (БС) соодветен на степенот на класификација на информацијата. Покрај корисниците на КИ, соодветен БС мора да имаат и куририте што ги доставуваат КИ, како и лицата што ги примаат КИ во деловодството. Секоја копија од КИ задолжително се заведува и нумерира според потребите на бројот на корисниците и како таква се евидентира во доставната книга. Секој корисник на КИ задолжително се потпишува во доставната книга за извршениот прием. Откако ќе се заврши работната задача сврзана со содржината на класифицираниот документ корисникот на истиот може да го врати во деловодството при што повторно се потпишува во книгата за враќање, или документот да го задржи во работните простории, доколку има услови за чување предвидени согласно Законот за класифицирани информации (ЗКИ) за тој степен на класификација. Во секој случај доколку корисникот замине на друга работна должност во истиот или друг орган или надвор од институцијата, сите КИ треба да ги врати во деловодството од кадешто ги примил.

Можно ли е класифицираниот документ воопшто никаде да не се заведе и да остане само во рацете на функцинерот?

Секоја класифицирана иноформација којашто се изработува во органите или институциите како и кај останатите јавни и приватни правни лица или што е примена кај истите, во однос на заведувањето подлежи на прописите од Уредбата за канцелариско работење и Уредбата за административна безбедност на класифицирани иформации така што прекршувањето на истите повлекува законски последици.

Како се заштитуваат класифицираните документи, кој проверува дали се соодветно чувани, архивирани и какви се казните за прекршување на ваквите одредби? И дали имало до сега вакви случаи (не мора со имиња, може само некоја ситуација на прекршување и злупотреба да се даде и како завршил случајот, па дури ова може и неофицијално ако така повеќе ви одговара)? Дали македонскиот систем на зашитата на ваквите документ е добар, односно каде сме споредбено со другите (ЕУ и НАТО стандарди)?

Класифицираните информации (КИ) се заштитуваат со преземање на одредени безбедносни мерки во доменот на административната безбедност, физичката безбедност, безбедност на лицата што користат КИ, информатичката безбедност и индустриската безбедност пропишани во членовите од 25 до 29 од ЗКИ и подетаљно разработени во соодветните уредби за административната безбедност, физичката безбедност, безбедноста на лицата што користат КИ, информатичката безбедност и индустриската безбедност на КИ. Според Законот за класифицирани информации (ЗКИ) секое правно лице коешто чува или ракува со КИ мора да определи овластено лице што ќе се грижи за спроведувањето на мерките за безбедност и коешто контактира со ДБКИ. Во случај на настанато прекршување на одредбите од ЗКИ овластеното лице задолжително ја известува ДБКИ како таа би постапила според законот и подзаконските акти. ДБКИ исто така по службена должност може да преземе предвидени законски мерки во случај кога се прекршуваат одредбите од ЗКИ и притоа се ангажираат инспекторите за безбедност на КИ, односно Комисијата за одлучување по прекршок. Во случај на утврдено прекршување на одредбите од законот и во зависност од степенот на евентуалната штета настаната со тоа прекршување може да се изрече и санкција за прекршок предвидена во Законот за изменување и дополнување на ЗКИ („Сл. весник на РМ“ бр. 113/07). Македонскиот Закон за класифицирани информации и подзаконските уредби имаат пропишано безбедносни стандарди, критериуми и мерки коишто се соодветни на оние што се применуваат во ЕУ и во НАТО. Во потврда на тоа се и потпишаните договори за размена и заемна заштита на КИ помеѓу РМ и НАТО и РМ и ЕУ, како и повеќе билатерални договори со земји членки на НАТО и на ЕУ преку коишто е потврдено еднаквото ниво и еднаквата заштита којшто РМ ја предвидува за странските КИ што се отстапени на користење и коишто се заштитуваат еднакво како и националните КИ. ДБКИ досега постапувала во случаи каде што се работело за прекршување на одредбите од ЗКИ, но заради чувствителноста на постапката со исходот на овие случаи се запознаени раководните лица во органите и институциите, овластените лица за КИ во истите, како и лицата што сториле прекршување на одредбите на ЗКИ, што е се во согласност со ЕУ и НАТО стандардите за што подискретно постапување во вакви случаи.

Дали ќе преземето конкретни мерки за случајот со објавениот документ - означен како државна тајна од 2005 година? (Се мисли на документот објавен во емисијата Х/О на Канал 5 ТВ – забелешка на ДБКИ)

Конкретни мерки веднаш се преземени во однос на јавното објавување на класифицирани документи при што се донесени соодветни решенија кои се врачени на субјектите за кои е утврдено дека се инволвирани во прекршувањето на одредбите од ЗКИ и кои веќе постапиле по истите.

Ве молиме, кус одговор на прашањето што е тоа државна тајна?

1. Во согласност со член 8 став 1 од Законот за класифицирани информации („Службен весник на РМ”, бр. 9/2004),
Класифицирана информација со степен „ДРЖАВНА ТАЈНА” е информација чие неовластено откривање би предизвикало загрозување и нанесување непоправливи штети на трајните интереси на Република Македонија.

2. Во согласност со член 2 од Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации („Службен весник на РМ”, бр. 82/2004):
Со степен ,,ДТ” ќе се класифицираат само оние информации или материјали чие неовластено откривање или употреба би можело да им наштети на трајните интереси на Републиката и тоа:
- директно да го загрозат уставниот поредок, независноста и територијалниот интегритет на Републиката;
- директно да ја загрозат внатрешната стабилност на Републиката;
- директно да доведат до масовни човечки губитоци;
- да причинат непоправливи штети на оперативната ефикасност или безбедност на Републиката или на ефикасноста на исклучително вредни одбранбени безбедносни или разузнавачки операции или на операции преземени за справување со неконвенционални закани, особено со тероризмот;
- да причинат непоправливи штети на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, демократијата и владеењето на правото;
- да причинат непоправливи штети на унапредувањето и развојот на економијата на Републиката, на заштитата на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
- да причинат непоправливи штети на заштитата и унапредувањето на животната средина на Републиката;
- да нанесат тешки долготрајни последици на унапредувањето и развојот на локалната самоуправа во Републиката;
- директно да го загрозат остварувањето на целите на меѓународната политика на Републиката или да нанесат непоправливи штети на меѓународните односи на Републиката или на односите на странска земја или меѓународна организација со Република Македонија.

Дали маркетинг и адвертајзинг агенцијата „Република“ поседува безбедносен сертификат? Контекстот во кој го поставуваме ова прашање е следен - се обративме во владата да ни кажат колку чинело емитувањето на рекламите за туризам и оттаму ни беше одговорено дека тоа е класифицирана информација со назнака итерно и поради тоа не можеме да добиеме одговор. Доколку навистина е така, дали во тој случај и агенцијата изведувач на работите која исто така располага со одредената информација треба да има сертификат?

Според член 2 од Правилникот за содржината, формата и начинот на водење на евиденциите за издадени безбедносни сертификати, пополнетите безбедносни прашалници и издадените дозволи за пристап до класифицирани информации, сите записи во книгите за евиденција претставуваат класифицирани информации со степен „интерно“.
Всушност, податоците во пополнетиот прашалник од страна на физичкото или правното лице што бара да му се издаде безбедносен сертификат, како и самата база на податоци која ги содржи овие податоци и податоците за издавање или за неиздавање безбедносен сертификат претставуваат класифицирани информации, односно тоа не се информации до коишто се има слободен пристап. Од тие причини, не можеме да одговориме на првиот дел од Вашето прашање.
Што се однесува до вториот дел од ова прашање, безбедносен сертификат се издава на лица коишто имаат потреба да ракуваат со класифицирани информации и тоа со степен соодветен на степенот на класифицираната информација со која се ракува.

Дали информација за цена на рекламирање на владата на телевизии, радија и весници за туризам може да биде класифицрана информација која претставува закана за безбедноста, територијалниот интегритет, уставниот поредок и слично?

Посочуваме дека заштитата на содржината на информацијата е право на создавачот на информацијата, што значи дека само тој може да одлучи да ја класифицира информацијата или да го симне степенот на класификација на истата. Оцената за потребата за заштита на содржината на информацијата ја спроведува создавачот истата во процедура согласно одредбите на членовите 11, 12, 13, 14 и 17 од Законот за класифицирани информации („Службен весник на РМ”, бр. 9/2004) и член 3 од Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации („Службен весник на РМ”, бр. 82/2004). Во случај создавачот на информацијата како правно лице веќе да не постои, истото право го има неговиот правен следбеник.

Со оглед на тоа дека некои работи не ми се баш најјасни, ќе ве замолам за дополнително објаснување. Велите дека, цитирам "На Вашето второ прашање Ви посочуваме дека заштитата на содржината на информацијата е право на создавачот на информацијата, што значи дека само тој може да одлучи да ја класифицира или да го симне степенот на класификација." Тоа секако е така, но она што мене ме интересира е по кои критериуми се одлучува што може да биде класифицирана информација? Како создавачот на информацијата проценува дека одредена информација е осетлива по прашањето за безбедноста на земјата, територијалниот интегритет, уставниот поредок, работата на тајните служби итн (како што впрочем е и впишано во законот околу тоа што претставува строго доверлива информација) и она што најмногу ме интересира е ДАЛИ ПОСТОИ МЕХАНИЗАМ КОЈ МОЖЕ ДА УТВРДИ ДАЛИ ТОА ЗАКОНСКО ПРАВО СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВА ОД СТРАНА НА ИНСТИТУЦИИТЕ ЗА ДА СОКРИЕ ИНФОРМАЦИЈА КОЈА БИ ТРЕБАЛО ДА БИДЕ ЈАВНО ДОСТАПНА? И ако постои, кој е тој механизам?
Ви ги поставувам овие прашања бидејќи отворено се сомневам дека податок за доставување на ценовник за рекламирање на кампања за туризам која веќе се емитува низ бројни медиумите во ударни термини во земјава, изработена по нарачка на државна институција, би можела да претставува каква било закана по безбедноста на земјава, уставниот поредок итн. Значи, моите индиции се дека станува збор за злоупотреба на правото да се класифицираат информации за лукративни цели и оттука, сметам дека треба да ми одговорите кој е механизмот за проверка, но и механизмот за заштита од манипулации со законот и кои се моите можности како новинар, но пред се, како граѓанин да ги проверам/потврдам/демантирам моите сомневања дека податоците за трошењето на парите на граѓаните свесно се кријат не во име на безбедноста, ами во име на нечии други интереси.

Законот за класифицирани информации (ЗКИ), како што всушност е определено и во членот 1 од истиот, во основа е закон со кој се уредува класификацијата на информациите, условите, критериумите, мерките и активностите што се преземаат за нивна заштита, правата, обврските и одговорностите на создавачите и корисниците на класифицирани информации итн.
Правото на определување на степенот на класификација, Законот му го дал исклучиво на создавачот, а тој ја врши класификацијата според содржината на информацијата. Определувањето на степенот на класификација го одобрува овластено лице. Со степен „Интерно“ ќе се класифицираат само оние информации или материјали чие неовластено откривање би можело да им наштети на работата и ефикасноста на органите на Република Македонија. Штетата врз работата и ефикасноста може да биде во различни области како што се таксативно наведени во Член 2 од Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации („Службен Весник на РМ“, број 82/04).
Предлогот за степенот на класификацијата се дава и писмено се образлага од страна на непосредниот изработувач на информацијата, како што предвидува членот 3 од Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации. Непосреден изработувач е одредено вработено лице кое е задолжено за изготвување на класифицирани информации, а неговиот предлог за степенот на класификација се оценува од претпоставениот на непосредниот изработувач, што треба да е во согласност со интерните акти (правилници, упатства итн.), што ја регулираат класификацијата на информациите во тоа правно лице (државен орган, институција, приватна компанија). Исто така, создавачот на информацијата е оној кој го одредува датумот или периодот на време по кој содржината на таа информација ќе може да се рекласифицира или декласифицира. (член 4 од Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации).
Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, главно од државни органи, како и од одредени други правни лица, ги добива на мислење интерните акти за заштита на класифицирани информации, кога тие правни лица ќе и се обратат за помош, но нема законска обврска органите да бараат задолжително мислење од Дирекцијата за интерните акти кои ја уредуваат оваа проблематика. Исто така, Дирекцијата, на барање од други, споменати погоре правни лица, учествува во изработката на интерните акти за заштита на класифицирани информации, при што за секој поединечен акт од работата на тоа правно лице, заеднички се оценува потребата од класификација и од степенот на класификација. Во ваков случај на постоење на интерни акти, секогаш се почитуваат одредбите од Законот за класифициани информации и подзаконските Уредби.
Во член 20 од ЗКИ, предвидена е и одредба според која: Информацијата која е одредена со степен на класификација, нема да се смета за класифицирана информација ако се неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка .

Кој е изработувач, а кој создавач на КИ?

Изработувач на класифицирана информација е физичко лице коешто непосредно ја изработува класифицираната информација. Тоа е лице коешто има соодветен безбедносен сертификат за ракување со класифицирани информации до одреден степен, во согласност со неговите работни должности и потребата да има пристап до класифицирани информации (исполнување на принципот „потребно да знае“).

Создавач на класифицирана информација е правно или физичко лице коешто со цел остварување на своите надлежности и вршење на својата функција создава класифицирани информации. Создавач може да биде орган на државната управа, орган на единицата на локалната самоуправа, јавно претпријатие, јавна установа и служба, приватна компанија и слично, како и правен застапник или поединец експерт за одредена област што има задача да изработи некој проект, анализа, вештачење и слично.

Дали е регулирано кое лице и од која работна позиција до кој степен може да класифицира документи?

Прашањето кое лице и од која работна позиција до кој степен може да класифицира документи е регулирано во интерните акти на правните лица за постапување со класифицирани информации коишто се изработени врз основа на систематизацијата на работните места и во согласност со одредбите на Законот за класифицирани информации и придружните подзаконски акти.

Во согласност со чл. 3 од Уредбата за административна безбедност, непосредниот изработувач на информацијата на писмено го дава предлогот за степенот на класификацијата и истиот го образложува пред претпоставениот. Предлогот се дава врз основа на процената на изработувачот на штетата што би била предизвикана за создавачот или за државата доколку информацијата стане достапна за неовластени лица за ракување со истата. Како резултат на тоа се врши и процена на потребниот степен на заштита на информацијата што се дава во предлогот.