За насСо искажаната определба за интеграција во евроатлантските структури, РМ започна да ги презема неопходните чекори за приближување кон НАТО и кон ЕУ, што подразбира и размена на класифицирани информации. По потпишувањето на Безбедносната спогодба меѓу Република Македонија и НАТО во 1996 година, во рамките на Министерството за одбрана е формирана Службата за реципрочна безбедност за заштита на информации што се разменети меѓу РМ и НАТО. За безбедна дистрибуција на класифицираните информации до крајните корисници, во Службата е формиран Централен регистар, а во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за надворешни работи подрегистри. Во март 2002 година со Одлука на Владата на Република Македонија („Службен весник на РМ“, бр. 21/02) е формиран Националниот безбедносен авторитет на Република Македонија во НАТО контекст (НБА) како стручна служба на Владата. НАТО го поздрави напредокот на Службата со забелешка дека таа и понатаму треба да се развива со цел успешно да ги извршува своите задачи и да биде финансиски самостојна. Во таа насока, Република Македонија презеде активности за промени во безбедносниот сектор поврзани со класифицираните информации, поради што се презедоа активности за изработка и донесување на Законот за класифицирани информации. Законот за класифицирани информации („Службен весник на РМ“, бр.9/04) влезе во сила на 5 март 2004 година и со тоа поранешниот НБА прерасна во Дирекција за безбедност на класифицирани информации како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице. Согласно Законот, во ноември 2004 година беа донесени Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации, Уредбата за физичка безбедност на класифицирани информации и Уредбата за безбедност на лицата корисници на класифицирани информации, а во март 2005 година беа донесени Уредбата за индустриска безбедност на класифицирани информации и Уредбата за информатичка безбедност на класифицирани информации. Во септември 2007 година беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“, бр. 113/07) со којшто се воспостави целосна контрола не само врз странските туку и врз националните класифицирани информации, односно се воспостави инспекциски надзор врз сите државни органи и други физички и правни лица за доследна примена на Законот за класифицирани информации. Донесени се и други интерни правни акти сврзани со заштитата на класифицираните информации согласно безбедносните стандарди на НАТО и ЕУ. По циклусот измени и дополни на Законот за класифицирани информации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 145/2010, 80/2012, 41/2014, 21/2018 и 83/2018), се утврди потребата за донесување нова законска регулатива којашто ќе ги следи тековните трендови во ракувањето со класифицирани информации. За таа цел, во декември 2019 година се донесе новиот Закон за класифицирани информации(*) (,,Службен весник на Република Северна Македонија” бр.275/19). Изготвенo врз основа на практичните искуства во работата со класифицирани информации, новото законско решение попрецизно го уредува системот за заштита на класифицирани информации во Република Северна Македонија, овозможува високо ниво на усогласеност со безбедносните политики на НАТО и ЕУ и регулира прашања од други области што се тесно поврзани со безбедноста на класифицираните информации. Со донесувањето на Законот за класифицирани информации(*) и добивањето статус на Република Северна Македонија на НАТО земја членка, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации постави уште повисоки стандарди за работа во доменот на заштитата и размената на класифицирани информации. |