Семинари и обуки

TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Република Чешка

Прага, 7-10 октомври 2013 година

 

Во периодот од 7-10 октомври 2013 година двајца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации реализираа TAIEX студиска посета нa Националниот безбедносен авторитет на Република Чешка, во соработка со TAIEX инструментот на Европската комисија. Размената и стекнувањето нови искуства во доменот на класифицираните информации на оваа студиска посета се однесуваше на акредитацијата и сертификацијата на комуникациско-информатичките системи.

Работилница за безбедносната политика на НАТО

Брдо кај Крањ, Словенија, 16-20 септември 2013 година

 

Од 16-20 септември 2013 година во Брдо кај Крањ, Словенија, се одржа Работилница за безбедносната политика на НАТО за офицерите за безбедност на земјите што не се членки на Алијансата и на меѓународните организации. Работилницата беше во организација на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS) со поддршка на Националниот безбедносен авторитет на Република Словенија. На оваа работилница учествуваше и еден претставник од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Акцентот на Работилницата беше ставен на обуката на офицерите за безбедност со цел полесно имплементирање на НАТО безбедносните стандарди во земјите не-членки на НАТО.

TAIEX Студиска посета на Државната комисија за безбедност на информации на Република Бугарија

Софија, 10-11 септември 2013 година

 

Тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во периодот од 10-11 септември 2013 година реализираа студиска посета на Државната комисија за заштита на информации на Република Бугарија, организирана со поддршка на TAIEX инструментот на Европската комисија. Целта на оваа студиска посета беше стекнување нови искуства во изведувањето инспекции за имплементација на критериуми и мерки за административна безбедност во регистрите и контролните точки за чување класифицирани информации.

TAIEX Работилница

Скопје, 02-03 јули 2013 година

 

На 02-03 јули 2013 година во Скопје, во соработка со TAIEX инструментот на Европската комисија, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации одржа работилница на тема „Компаративни сознанија сврзани со третманот на класифицираните информации во истражната и судската постапка“.

На Работилницата учествуваа околу 60-тина претставници од судови и јавни обвинителства во Република Македонија, како и претставници од Адвокатската комора.

Предавачи на оваа работилница беа експерти од ЕУРОПОЛ и од националните безбедносни авторитети на Македонија, на Словачка, на Словенија, на Чешка, на Шпанија и на Бугарија.

НАТО Работилница

Охрид, 10-13 јуни 2013 година

 

Во периодот од 10-13 јуни 2013 година во Охрид се одржа НАТО работилница за напредно истражување за развој на политиката за сајбер одбрана, на којашто учествуваа и тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Предавањата на Работилницата беа подготвени и реализирани од највисоките академски кругови: професори од Норвиџ универзитетот од САД, којшто воедно беше и коорганизатор на Работилницата, професори од Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје, од универзитетот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, потоа од универзитетите на Молдавија, Грција, Хрватска и од други земји членки на Алијансата, како и професор од НАТО Центарот за обука Гармиш-Партенкирхен од Германија.

Ориентациски курс за ЗБОП

Брисел, 13-17 мај 2013 година

 

Од 13-17 мај 2013 година претставник од Дирекцијата ќе учествува на ориентациски курс за ЗБОП што го спроведува Европскиот колеџ за безбедност и одбрана во Брисел во соработка со австриското Министерство за одбрана и спорт и хрватското Министерство за надворешни работи, во рамките на Програмата за обука за ЗБОП за 2013 година за земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација. Оваа обука е во рамките на унапредувањето на капацитетите на Дирекцијата за компатибилност на безбедносните критериуми и стандарди меѓу Република Македонија и Европската унија и се надоврзува на досегашната заемна соработка меѓу Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и австриското Министерство за одбрана и спорт.

Обука во Академијата за судии и јавни обвинители

Скопје, 8 мај 2013 година

 

На 8 мај 2013 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија ќе одржи предавања за претставниците од судството и од обвинителството, како и од редот на адвокатите од цела Македонија. Предавањата ќе бидат сврзани со ракувањето, чувањето и достапноста на класифицираните информации во текот на секојдневната работа на слушателите.

Меѓународна работилница за правните аспекти за борба против тероризмот

Охрид, 15.04.-19.04.2013 година

 

Во периодот од 15.04.-19.04.2013 година претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на меѓународна работилница што се одржа во Охрид под покровителство на Американската амбасада во Република Македонија на тема „Правните аспекти за борба против тероризмот/мировни операции“. Предавачи на оваа работилница беа експерти од САД. Работилницата беше наменета и на неа зедоа учество повеќе државни органи од безбедносните служби на Република Македонија.

Работилница за сајбер одбрана

Анкара, Турција, 08.04.-19.04.2013 година

 

Во периодот од 08.04 до 19.04 2013 година во заедничка организација на НАТО и на Република Турција, како и на соодветните служби на Грузија и на Канада, на Техничкиот универзитет на Средна Азија во Анкара, Република Турција, беше одржана двонеделна обука за претставници од Република Македонија на тема „Обука за сајбер одбрана на систем/мрежни администратори (Cyber Defence Training Course for System/Network Administrators). Претставниците на Дирекцијата имаа можност на оваа обука детаљно да се запознаат со теоретските и со практичните искуства на организаторите на насловната тема на работилницата. На обуката беше спроведена и вежба сврзана со сајбер напади и одбрана од нив.

TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија

Будимпешта, 24-26 септември 2012 година

 

Во студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија, во Будимпешта, периодот 24-26 септември 2012 година престојуваа тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Студискиот престој беше организиран со поддршка на TAIEX инструментот на Европската комисија. Акцентот на оваа посета беше ставен на ракувањето и заштитата со класифицираните информации од доменот на индустриската безбедност. Во тој контекст, размената на искуствата на двата национални безбедносни авторитета е од големо значење, како за унапредување на знаењата од доменот на индустриската безбедност така и во зацврстувањето на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Унгарија.

Syndicate content