|
Одложена посета на преговарачкиот тим на САД на Република Македонија
Скопје, 4 мај 2011 година
Посетата на тимот на Владата на САД на Република Македонија, којашто првично беше најавена за почетокот на мај 2011 година, а потоа поместена за периодот од 9 до 13 мај 2011 година, е одложена по барање на тимот на САД заради нивни причини. Од Амбасадата на САД во Скопје најавија дополнително известување за нов термин за реализација на посетата во рамките на процесот за билатерални преговори за склучување генерален договор за размена на класифицирани информации во делот на одбраната меѓу Република Македонија и САД.
Средба во Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ
Брисел, март 2011 година
Кон крајот на март 2011 година во Брисел, на покана на раководителите на секторите за информатичка безбедност и за безбедносна комуникација во Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ, г-дин Улрих Ван Есен и г-дин Себастијан Леоне, а во присуство на г-дин Стефан Витман, вработен во Секторот за информатичка безбедност, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), оствари средба и разговори сврзани со новите безбедносни правила на ЕУ донесени по Лисабонскиот договор, во однос на билатералната спогодба со ЕУ за размена на класифицирани информации и безбедносните аранжмани за нејзино спроведување.
Средба со новиот директор на Канцеларијата за безбедност на НАТО
Брисел, март 2011 година
На барање на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), кон крајот на март 2011 година, во Брисел беше остварена средба и разговори со новиот директор на Канцеларијата за безбедност на НАТО, г-дин Стефан Смит и со д-р Џузепе Бенаси, раководител на Одделот за политика. Притоа беше разговарано за актуелни прашања сврзани со функционирањето на ДБКИ, исполнувањето на Партнерската цел Г 0360И, како и за тековните активности во 2011 година. Од страна на директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО беше посочено дека добрата соработка и поддршката на ДБКИ продолжуваат и во иднина и дека од сите досегашни извештаи произлегува дека ДБКИ остварува напредок во својата работа сврзана со НАТО класифицираните информации.
Подготовки за одржување на првиот alumni семинар на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство на Унијата
Скопје, март 2011 година
Во рамките на Програмата за обука за ЗБОП за 2001 година на Европскиот колеџ за безбедност и одбрана и на активностите сврзани со Националната програма за приближување на националното законодавство кон законодавството на ЕУ (НПАА), Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации ќе биде домаќин на првиот alumni семинар на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство на Унијата што ќе се одржи во периодот од 12 до 15 септември 2011 година во Охрид.
Во насока на утврдување на деталите сврзани со организацијата на семинарот, локацијата на одржување и програмата за работа, на 16 и на 17 мај 2011 година во посета на Република Македонија ќе престојува д-р Јохан Рехл од Сојузното министерство за одбрана и спорт на Република Австрија.
Подготовки за посета на преговарачкиот тим на САД на Република Македонија во мај 2011 година
Скопје, март 2011 година
Во рамките на активностите за влегување во договорна соработка со САД во доменот на размената и заштитата на класифицираните информации, во тек се подготовките за посетата на преговарачкиот тим на САД на Република Македонија којашто ќе се реализира во периодот од 2 до 6 мај 2011 година.
Оваа посета ќе претставува реализација на втората фаза од процедурата на билатерални преговори меѓу Република Македонија и САД за склучување генерална спогодба за размена на класифицирани информации во делот на одбраната.
Обука на вработените во Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија
Скопје, февруари-март 2011 година
Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во два наврата, на 17.02.2011 година и на 03.03.2011 година одржа обука на вработените во Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија за работа со класифицирани информации.
Слушателите на обуката беа запознаени со ракувањето, со чувањето и со размената на национални и на странски класифицирани информации од доменот на административната, на физичката, на персоналната, на информатичката и на индустриската безбедност.
Реализирана TAIEX Работилница
Скопје, 16-17 март 2011 година
На 16-17 март 2011 година во Скопје се одржа работилницата на тема „Задолжителни одредби за административна, физичка и информатичка безбедност/NCSA“. Работилницата беше организирана во соработка со Европската комисија од Брисел, во рамките на TAIEX програмата.
Презентери на работилницата беа директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, г-дин Урлих Ван Есен и г-дин Себастијан Леоне, раководители на одделите за информатичка безбедност и за безбедносна комуникација во Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ, г-дин Мати Кесалајнен, консултант на Националниот безбедносен авторитет на Република Финска и г-дин Роберт Пекарчик, претставник на Националниот безбедносен авторитет на Словачката Република.
TAIEX Работилница
Скопје, јануари 2011 година
На 16-17 март 2011 година во Скопје ќе се одржи работилница на тема „Задолжителни одредби за административна, физичка и информатичка безбедност/NCSA“. Работилницата ќе биде организирана во рамките на TAIEX програмата на Европската комисија со предавачи од Советот на ЕУ, од земји-членки на ЕУ и од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
На работилницата ќе бидат поканети да учествуваат претставници на државни органи, приватни компании и други правни лица коишто се корисници на класифицирани информации.
Промена на статусот на вработените во Дирекцијата
Скопје, 5 јануари 2011 година
Со донесување на Законот за изменување на Законот за класифицирани информации („Службен весник на РМ“, бр. 145/2010), статусот на вработените во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации од лица со посебни должности и овластувања се промени во државни службеници.
Работилница во врска со постапките при спроведување набавки со класифицирани тендери
Скопје, 26 ноември 2010 година
На 26 ноември во Клубот на новинарите, Скопје, во заедничка соработка Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Бирото за јавни набавки одржаа работилница на тема: „Постапки на јавни набавки и безбедносни процедури при класифицирани тендери“. На Работилницата зедоа учество седумнаесет претставници од шеснаесет државни органи. На Работилницата се поставија и се дискутираа прашања во врска со конкретни постапки и решенија за проблемите коишто се јавуваат во текот на нивното изведување.
|
|
|