|
Билатерална соработка
Спогодба со Романија
Букурешт, 04 август 2016 година
На 4 август 2016 година во Букурешт, Романија, беше потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша д-р Александар Нацев, директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во име на Владата на Романија, Спогодбата ја потпиша д-р Мариус Петреску, генерален директор на Националниот регистар за класифицирани информации. На церемонијата на потпишување на спогодбата присуствуваше и г. Панде Лазаревски, амбасадор на Република Македонија во Романија.
За време на средбата беше разговарано за постојните билатерални релации меѓу двете земји и за новите можности за уште поголема соработка во области од чувствителен карактер коишто се создаваат со потпишувањето на спогодбата.
Спогодба со Италијанската Република
Скопје, 27 мај 2016 година
На 27 мај 2016 година во Скопје беше потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Италијанската Република за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша министерот за надворешни работи Никола Попоски, а во име на Владата на Италијанската Република, Спогодбата ја потпиша Н.Е. Амбасадор Ернесто Масимино Белели. За време на средбата билатералните релации меѓу двете земји беа оценети како одраз на заемна почит и пријателство и беше констатирано дека во изминатите две децении односите меѓу Македонија и Италија бележат континуиран развој.
Билатерални разговори со Националниот безбедносен авторитет на Големото Војводство Луксембург
Скопје, 5 мај 2016 година
По покана на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ), на 5 мај 2016 година во просториите на ДБКИ се одржа состанок на директорско ниво со претставници на Националниот безбедносен авторитет на Големото Војводство Луксембург.
Целта на состанокот беше заемно запознавање и утврдување на потребите за влегување во договорна соработка во доменот на безбедноста на класифицираните информации меѓу владите на двете земји. Притоа, акцентот беше ставен на организациската поставеност, структурата и надлежностите на службите во двете земји, како и на можноста за реализација на билатералните преговори за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации во првата половина на наредната година.
Делегацијата на Луксембург воедно одржа и кратка демонстрација на новиот концепт на електронски систем за работа со класифицирани информации до степен „интерно“ со целосно имплементирани мерки на безбедност и селективен пристап што бил развиен за потребите на луксембуршкото претседавање со ЕУ.
Посета на директорот на НСА на Словенија
Скопје, 14-16 април 2015 година
По покана на директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, на 15 април 2015 година во просториите на ДБКИ се одржа состанок на директорско ниво со претставници на Канцеларијата за заштита на класифицирани информации на Владата на Република Словенија. Делегацијата на Словенија беше предводена од директорот на Канцеларијата.
Средба со директорот на НАТО Канцеларијата за безбедност
Брисел, 12 март 2015 година
На 12 март 2015 година во Седиштето на НАТО во Брисел, директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации се сретна со директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО. Целта на средбата беше заемно запознавање, информирање за тековните активности и за плановите за натамошен развој на Дирекцијата, како и за перспективите за поблиска соработка меѓу двете служби.
Спогодба со Кралството Шпанија
Мадрид, 5 ноември 2014 година
На 5 ноември 2014 година во Мадрид, Шпанија, е потпишана Спогодбата меѓу Шпанската влада и Македонската влада за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Македонската влада Спогодбата ја потпиша г.Слободан Чашуле, македонски амбасадор во Кралството Шпанија, а во име на Шпанската влада, Спогодбата ја потпиша г.Феликс Санз Ролдан, државен секретар, директор на Националниот центар за разузнавање на Кралството Шпанија.
Потпишана Спогодба со Унгарија
Скопје, 3 јули 2014 година
На 3 јули 2014 година во Скопје е потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Унгарија за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во име на Владата на Унгарија, Спогодбата ја потпиша г. Михали Зала, директор на Националниот безбедносен авторитет на Унгарија.
Состанок со Европската одбранбена агенција (ЕОА)
Брисел, 1 јули 2014 година
На 1 јули 2014 година во Брисел беше одржана првата средба со претставници на Европската одбранбена агенција (ЕОА) организирана по иницијатива на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за отпочнување преговори за склучување Меморандум за соработка помеѓу ДБКИ, Министерството за одбрана на Република Македонија и Европската одбранбена агенција (ЕОА).
На средбата беше изразен интересот за соработка во доменот на сајбер одбраната, индустриската безбедност на класифицирани информации и одредени области сврзани со развојот на одбраната во Република Македонија.
Билатерални преговори со Романија
Скопје, 23-24 јуни 2014 година
По покана на шефот на Делегацијата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави, на 23-24 јуни 2014 година во Скопје се одржаa билатерални преговори со делегација на Националниот безбедносен авторитет на Романија за склучување спогодба за размена и заемна заштита на класифицирани информации меѓу владите на двете држави.
Работната средба на двете делегации е прва фаза од билатералните преговори за усогласување на текстот на спогодбата.
Спогодба со Босна и Херцеговина
Сараево, 20 мај 2014 година
На 20 мај 2014 година, на маргините на Четвртата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA), во Сараево беше потпишана Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина за размена и заемна заштита на класифицирани информации.
Во име на Владата на Република Македонија Спогодбата ја потпиша директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, а во име на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Спогодбата ја потпиша г. Мате Милетиќ, помошник министер во Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина – Национален безбедносен авторитет.
|
|
|