Скопје, 20 мај 2015 година
Во ко-организација на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Советот за регионална соработка (RCC) на ЕУ со седиште во Сараево, Босна и Херцеговина, на 20 мај 2015 година во Скопје се одржа Петтата конференција на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). Со оваа конференција беше обележан мал јубилеј на иницијативата за средба на директорите и раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа којашто започна во мај 2011 година во Софија, Република Бугарија.
На конференцијата учествуваа претставници на националните безбедносни авторитети на седум земји од регионот, и тоа на Бугарија, на Босна и Херцеговина, на Косово, на Македонија, на Словенија, на Србија и на Црна Гора, предводени од директорите и од високи претставници на службите. Од страна на земјата домаќин, на конференцијата учествуваше и претставник на Министерството за надворешни работи, од Секторот за безбедносни прашања во Директоратот за организациони работи.
Ко-претседавачи на конференцијата беа директорот на Дирекцијата и претставник за безбедносна политика на RCC. Во знак на поддршка на иницијативата и на Република Македонија како земја домаќин, на конференцијата учествуваше и претставник на Генералниот секретаријат на Советот на ЕУ. Во име на Министерството за надворешни работи на конференцијата кратко обраќање до учесниците имаше и директорот на Директоратот за Дипломатска академија.
Целта на конференцијата беше да се продолжи во духот на традицијата за унапредување на регионалната соработка преку индивидуален напредок на поединечните служби и јакнеењето на националните безбедносни политики. Агендата на конференцијата беше фокусирана на презентациите за резултатите од работата и идните активности на тематските работни групи за обуки и за сајбер одбрана, како и на пленарната дискусија за прашања од заемен интерес на земјите учеснички, со акцент на улогата на RCC и понатамошниот развој на SEENSA форумот.