Возвратна посета на САД, Вашингтон Д.Ц.Вашингтон Д.Ц., 3-7 јуни 2013 година
По покана на Директорот на Програмата за меѓународна безбедност при Канцеларијата на Потсекретарот за одбрана на САД, Питер Батен, Делегацијата на Владата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави оствари возвратна посета на Вашингтон Д.Ц. во периодот од 3 до 7 јуни 2013 година. Притоа, челеновите на македонската владина делегација беа запознаени со ракувањето со класифицираните информации и процедурите за нивна заштита од донесувањето на безбедносната политика за заштита на класифицирани информации сè до непосредната примена на процедурите од страна на крајните корисници. Делегацијата имаше успешни разговори околу воспоставувањето безбедносни критериуми и мерки за заштита на класифицирани информации од аспект на административната безбедност, физичката безбедност, индустриската безбедност, информатичката безбедност и безбедноста на лица корисници на класифицирани информации, како и за можностите за унапредување на понатамошната билатерална соработка помеѓу двете држави во доменот на класифицираните информации. На крајот од посетата, делегацијата на Владата на Република Македонија пред домаќинот ги презентираше своите заклучоци од остварените средби и даде свое видување за состојбите за заштита на класифицираните информации коишто Република Македонија би требало да ги отстапи на САД по склучувањето на билатералниот договор. Воедно, при посетата на Вашингтон Д.Ц. македонската владина делегација оствари средба и разговори со Амбасадорот на Република Македонија во САД. Н.Е. г. Зоран Јолески и неговите соработници од Амбасадата коишто беа запознаени со текот на посетата и со процедурата за склучување билатерален договор со САД во доменот на размената и заштитата на класифицирани информации. Возвратната посета на САД претставува претпоследна фаза од процедурата за билатерални преговори меѓу владите на Република Македонија и на САД за склучување генерален договор за размена на класифицирани информации по којашто ќе следи усогласувањето на текстот на договорот што се очекува да се реализира во скоро време. |