Посета на делегација за преговори на САД на Република Македонија

Скопје, 5-9 ноември 2012 година

 

Во рамките на активностите за влегување во договорна соработка со САД во доменот на размената и заштитата на класифицираните информации, во периодот од 5 до 9 ноември 2012 година делегација на Министерството за одбрана на САД оствари работна посета на Република Македонија. Посетата беше дел од процедурата за билатерални преговори меѓу Република Македонија и САД за склучување генерална спогодба за размена на класифицирани информации во делот на одбраната. Целта на посетата беше анализа на постојната легислатива во Република Македонија за заштита на класифицираните информации и на конкретните услови за чување и ракување со класифицирани информации во рамките на државните органи и компании за наменско производство заради утврдување на компатибилноста на легислативите и практиките за ракување со класифицирани информации во двете земји.

Делегацијата за преговори на САД имаше средби и разговори со македонската делегација за водење преговори при што беа презентирани законот и подзаконските акти за заштита на класифицирани информации во државата. Во текот на посетата беше презентирана работата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и нејзините надлежности во рамките на Република Македонија, а беа остварени средби и разговори со овластени лица од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Генералштабот на АРМ, Министерството за економија и Царинската управа, како и од компанијата „ЕУРОКОМПОЗИТ - 11 Октомври“ од Прилеп, којашто се занимава со наменско производство за потребите на безбедноста и одбраната. На крајот од посетата американските претставници ја поканија Делегацијата на Република Македонија за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави во почетокот на 2013 година да ги посети соодветните институции и капацитети на САД сврзани со ракување и чување класифицирани информации по што ќе се пристапи кон утврдување на текстот на билатералниот договор.