TAIEX Студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Словенија

Љубљана, 15.07.- 16.07.2013 година

 

Во периодот од 15.07.- 16.07.2013 тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации престојуваа во студиска посета на Националниот безбедносен авторитет на Словенија, организирана со поддршка на ТAIEX инструментот на Европската комисија.

Темата на оваа студиска посета беше развој на проектот НСА облак од аспект на подготовка на проектната документација и неговата практична имплементација.

TAIEX Работилница

Скопје, 02-03 јули 2013 година

 

На 02-03 јули 2013 година во Скопје, во соработка со TAIEX инструментот на Европската комисија, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации одржа работилница на тема „Компаративни сознанија сврзани со третманот на класифицираните информации во истражната и судската постапка“.

На Работилницата учествуваа околу 60-тина претставници од судови и јавни обвинителства во Република Македонија, како и претставници од Адвокатската комора.

Предавачи на оваа работилница беа експерти од ЕУРОПОЛ и од националните безбедносни авторитети на Македонија, на Словачка, на Словенија, на Чешка, на Шпанија и на Бугарија.

НАТО Работилница

Охрид, 10-13 јуни 2013 година

 

Во периодот од 10-13 јуни 2013 година во Охрид се одржа НАТО работилница за напредно истражување за развој на политиката за сајбер одбрана, на којашто учествуваа и тројца претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Предавањата на Работилницата беа подготвени и реализирани од највисоките академски кругови: професори од Норвиџ универзитетот од САД, којшто воедно беше и коорганизатор на Работилницата, професори од Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје, од универзитетот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, потоа од универзитетите на Молдавија, Грција, Хрватска и од други земји членки на Алијансата, како и професор од НАТО Центарот за обука Гармиш-Партенкирхен од Германија.

Возвратна посета на САД, Вашингтон Д.Ц.

Вашингтон Д.Ц., 3-7 јуни 2013 година

 

По покана на Директорот на Програмата за меѓународна безбедност при Канцеларијата на Потсекретарот за одбрана на САД, Питер Батен, Делегацијата на Владата на Република Македонија за водење преговори за склучување спогодби за размена на класифицирани информации на билатерална основа со други држави оствари возвратна посета на Вашингтон Д.Ц. во периодот од 3 до 7 јуни 2013 година. Притоа, челеновите на македонската владина делегација беа запознаени со ракувањето со класифицираните информации и процедурите за нивна заштита од донесувањето на безбедносната политика за заштита на класифицирани информации сè до непосредната примена на процедурите од страна на крајните корисници.

Трета конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа

Драч, 27-29 мај 2013 година

 

Во периодот од 27 до 29 мај 2013 година во Република Албанија, во Драч, се одржа Третата конференција на раководителите на националните безбедносни авторитети на земјите од Југоисточна Европа (SEENSA). На конференцијата учествуваа раководителите на националните безбедносни авторитети од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Косово, Република Македонија, Република Молдавија, Романија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Република Црна Гора, како и директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS), г. Стивен Смит.

Акцентот на конференцијата беше ставен на извештаите за сработената работа на четирите работни групи што беа формирани на претходната конференција на SEENSA што се одржа во мај 2012 година во Република Словенија, како и на нивните понатамошни активности во пресрет на следната конференција на SEENSA најавена за мај 2014 година којашто ќе се одржи во Босна и Херцеговина.

Ориентациски курс за ЗБОП

Брисел, 13-17 мај 2013 година

 

Од 13-17 мај 2013 година претставник од Дирекцијата ќе учествува на ориентациски курс за ЗБОП што го спроведува Европскиот колеџ за безбедност и одбрана во Брисел во соработка со австриското Министерство за одбрана и спорт и хрватското Министерство за надворешни работи, во рамките на Програмата за обука за ЗБОП за 2013 година за земјите од Процесот на стабилизација и асоцијација. Оваа обука е во рамките на унапредувањето на капацитетите на Дирекцијата за компатибилност на безбедносните критериуми и стандарди меѓу Република Македонија и Европската унија и се надоврзува на досегашната заемна соработка меѓу Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и австриското Министерство за одбрана и спорт.

Инспекција

Скопје, 13-16 мај 2013 година

 

Од 13 до 16 мај 2013 година во Република Македонија ќе пристигнат претставници од НАТО на редовен состанок за Годишната национална програма за членство во НАТО на Република Македонија. Во рамките на оваа посета инспекторите од Канцеларијата за безбедност на НАТО ќе извршат увид во работата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и на одредени регистри за странски класифицирани информации воспоставени во одделни министерства.
Извештајот за работата на Дирекцијата и на регистрите што инспекторите од Канцеларијата за безбедност на НАТО ќе го изработат ќе биде составен дел на Годишната национална програма за членство во НАТО на Република Македонија.

Обука во Академијата за судии и јавни обвинители

Скопје, 8 мај 2013 година

 

На 8 мај 2013 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија ќе одржи предавања за претставниците од судството и од обвинителството, како и од редот на адвокатите од цела Македонија. Предавањата ќе бидат сврзани со ракувањето, чувањето и достапноста на класифицираните информации во текот на секојдневната работа на слушателите.

Состанок за заштита од сајбер напади

Скопје, 23 април 2013 година

 

На 23 април 2013 година Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, во согласност со своите законски надлежности во доменот на информатичката безбедност на класифицираните информации, одржа работен состанок за информирање на учесниците за активностите што се преземаат во насока на дефинирање на потребите во Република Македонија за заедничка соработка меѓу државниот, јавниот и приватниот сектор во однос на безбедноста и заштитата од сајбер напади.
На состанокот зедоа учество претставници на надлежните министерства, на компании коишто припаѓаат на критичната инфраструктура и најголемите интернет сервис провајдери во земјата.

Меѓународна работилница за правните аспекти за борба против тероризмот

Охрид, 15.04.-19.04.2013 година

 

Во периодот од 15.04.-19.04.2013 година претставници од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на меѓународна работилница што се одржа во Охрид под покровителство на Американската амбасада во Република Македонија на тема „Правните аспекти за борба против тероризмот/мировни операции“. Предавачи на оваа работилница беа експерти од САД. Работилницата беше наменета и на неа зедоа учество повеќе државни органи од безбедносните служби на Република Македонија.

Syndicate content