Охрид, 23-27 август 2019 година
Претставници на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации учествуваа на безбедносниот форум на тема „Стратегиски комуникации и евроатлантските интеграции: импликации за земјите од Западен Балкан“ што се одржа во Охрид во периодот од 23-27 август 2019 година. Форумот го организираше Алумни-асоцијацијата на Центарот „Џорџ Маршал“ од Република Северна Македонија, со поддршка на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“ од Германија, Одделот за јавна дипломатија на НАТО и Одбранбениот колеџ на НАТО од Рим.
На отворањето на форумот на којшто учествуваа реномирани професори и експерти од областа од земјата, од регионот и пошироко, се обратија претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, Ото Граф од Германската амбасада и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО Скопје, полковник Зоран Јанковиќ. Целта на форумот беше споделување искуства и добри практики во однос на темата на форумот, со фокус на хибридните закани и справувањето со лажните вести, дезинформациите, малициозната пропаганда, стратегиската комуникација, хуманата безбедност, борбата со современиот тероризам, екстремизам и радикализам, во насока на креирање на соодветни механизми и стратегии за надминување на проблемите во безбедносниот сектор имплицирани од појавата на овие современи безбедносни закани.
На сесијата посветена на безбедноста на информациите како еден од суштествените предуслови за градење цврст безбедносен систем зборуваа директорот на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Стојан Славески, генералот во пензија Џорџо Батисти од Одбранбениот колеџ на НАТО и претставникот на Регионалниот совет за соработка (RCC) од Сараево, Зоран Попов којшто акцентот во своето излагање го стави на постојната високо развиена регионална соработка во доменот на безбедноста и заштитата на класифицираните информации.