Декларација
Националните безбедносни авторитети на земјите од регионот, и тоа: Република Албанија, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Унгарија, Република Црна Гора, Република Србија, Република Словенија и Република Македонија на Конференцијата одржана од 24-25 април 2007 година во Охрид, Република Македонија, со акламација ја прифатија следната
Д Е К Л А Р А Ц И Ј А
за подигање на нивото на односите и соработката
на Националните безбедносни авторитети на земјите од регионот
Тргнувајќи од темелните меѓународни документи за зацврстување на колективната безбедност и светскиот мир, согласно правото на секоја држава на индивидуална или колективна одбрана,
Раководејќи се од препораките, завршните и други документи поврзани со безбедноста во рамките на меѓународните организации како што се ООН, НАТО, ЗЕУи ОБСЕ,
Поздравувајќи ги одлуките на Алијансата за нејзина трансформација и натамошно проширување со развој на внатрешните капацитети, глобалното партнерство и процесот на отворени врати со цел за успешно справување со предизвиците на 21-от век и зачувување на заедничките вредности,
Националните безбедносни авторитети на земјите од регионот
-
Ја потврдуваат трајната определба за градење, одржување и унапредување на меѓусебните односи и односите со меѓународните организации во областа на безбедноста;
-
Ја искажуваат подготвеноста да дадат свој придонес во обезбедувањето и зачувувањето на мирот и безбедноста во регионот и пошироко;
-
Го истакнуваат значењето на Јадранската повелба за досега постигнатите резултати на патот кон целосна интеграција во НАТО и во ЕУ на земјите аспиранти Република Албанија, Република Хрватска и Република Македонија;
-
Ја поздравуваат одлуката за повикување на трите земји од регионот Република Босна и Херцеговина, Република Црна Гора и Република Србија да се приклучат кон Партнерството за мир и на Евроатлантскиот партнерски совет, имајќи го предвид нивното значење за мирот и безбедноста во регионот и пошироко;
-
Ги охрабруваат активностите на земјите членки на НАТО, земјите аспиранти за членство во НАТО и земјите членки на Партнерството за мир за изградба на долгорочна стабилност во регионот и пошироко;
-
Го истакнуваат значењето на соработката на билатерална и мултилатерална основа на Националните безбедносни авторитети од земјите во регионот во исполнувањето на стандардите на НАТО и вклучување во евроатланската безбедност и стабилност и
-
Ја искажуваат подготвеноста за одржување на редовни годишни средби на националните безбедносни авторитети на земјите од регионот на највисоко ниво како јасен и недвосмислен сигнал за зацврстување на колективната безбедност и светскиот мир.
24-25 април 2007 година, Охрид, Република Македонија